ЗГРИЖУВАЊЕ НА „ДЕНТИНСКА РАНА“ КАКО УРГЕНТНА СОСТОЈБА ВО СОВРЕМЕНАТА СТОМАТОЛОГИЈА

Асс. д-р Јулија Заркова- Атанасова Професор /Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип

Click here to join the session

Иако зборот „ургентно“ во вистинската медицинска смисла не може да биде применет во стоматолошката протетика, сепак постојат голем број состојби кои бараат ургентно згрижување од страна на стоматологот-протетичар. Важноста на нивната терапија се состои во овозможување на пациентот нормално да продолжи со секојдневните активности, без нарушување на ниедна орална функција, ниту на неговиот изглед. Овие состојби може да се појават пред, за време, или после спроведениот протетски третман. За време на протетската рехабилитација една од најургентните состојби е згрижување на експонираниот дентин по препарацијата, односно по создавањето на т.н. дентинска рана. Соголениот дентин непосредно по препарацијата треба да се заштити со цел да се блокира дејството на хемиските, осмотските, термичките, механичките, токсичните и бактериските дразби врз пулпата и да спречи нејзино заболување или појава на болка.

Хемиската и механичката заштита претставуваат третмани на избор. Непреземањето на никаква мерка за заштита може да се смета како стручна грешка, а компликациите можат да бидат причина за неуспех на третманот. Привремените реставрации покрај тоа што обезбедуваат механичка заштита на дентинот, истовремено овозможуваат воспоставување на функцијата на оралниот систем, задоволителен естетски изглед, а воедно имаат и дијагностичко значење.

Денес постојат голем број техники за изработка на привремените реставрации, од конвенционални до современи, изработени со CAD/CAM технологија или 3D-печатени. Посебен осврт кон нивните индикации, предности и недостатоци ќе бидат дополнително изнесени, со цел да се избере најсоодветниот метод кај различни клинички случаи во секојдневната практика.